Темелите кое секое цивилизирано опшество ги негува со безрезервно внимание во нашиот случај упорно се одминуваат и газат како лајна на патот од страна на партиски обоени кочии.Обесчестени и обезвреднети во бескрупулозните обиди да им биде откинат гласот од страна на тоталитаристички стеги, денес нивниот авторитет се еквивалентира со оној на локален шут.
Екстерното тестирање, несмасно маскирано како прогресивна и освежувачка реформа која треба да го издигне квалитетот на македонското образование всушност не претставува ништо повеќе од флагрантен обид да се задушат оние кои се задолжени со сеење на семето на критичкото и рационално размислување.Екстерното тестирање е обид да се стават под јарем оние кои инаку се зачеток на пркосот спрема власт која неуморно граба моќ и пари од оние кои им ја подариле својата доверба.
Тоа е алатот кој го изгради ѕидот на срамот, бината врз која упорно врне ѓубре и скапан зеленчук прикриена со велот на разни обуки и казни со кои треба да се пердашат непослушните професори.Џиновската дискрепанца помеѓу резултатите од тестирањето е еден од показателите за нефункционалноста на оваа методологија, пропратно очигледниот пад во квалитетот на идниот кадар како резултат на реформите укажува дека не станува збор за стратегија чија цел е едукативен развој на македонецот.
Со оглед на непостоечката вистинска стимулација како за учениците, така и за наставниците и професорите се чини дека нашите поглавари живеат според мотото “после мене – потоп”.Немањето на идеи за вистинска утилизација на образовните институции, туку напротив непрекинатото штанцање на ботови и безумни полтрони чија единствена улога е заокружување на гласачко ливче на секои две години е показател за алармантниот инкремент на идиократија во Македонија.
Форсирањето на задолжително средно образование понатаму ја девалвираше функцијата на професија која во едно друго, поинакво време се сметаше за елитна.Ваквата политика на владата, катастрофална по секој систем, ги примора просветните работници да допуштаат масовно излевање на секакви матуранти, спремни и неспремни, проблематика која истата влада се обиде пропратно прекутрупа да ја корегира односно, пикне под тепих со нови, повторно катастрофални реформи чија главна цел беше визиготисување на последното упориште на критичката мисла – факултетите.
Самите училишта се замрзнати под капата на директори поставени по партиска линија кои своите колеги не само што ги третираат без грам почит, туку и сурово малтретираат во присуство на нивните ученици. Како резултат, вредноста на професорите во очите на учениците дополнително опаѓа, па сосем природно е вака корумпираната психа на младите да се обиде да ги реплицира овие дејанија на несовесните директори.
Крајниот удар, coup de grace беше зададен со воведувањето на таканаречени професори – заменици кои би биле поставувани на работните места на редовните, одземајќи ја силата на штрајкот кој треба да е последниот фронт за достоинството на оваа професија.
Неправедна и детриментална политика на ниски удари, закани и уцени од сите страни ги притиска и сардисува кадрите во основните и средните училишта. Лажните ветувања и платите кои редовно доцнат се нивното секојдневие. Безгласно стагнираат во своите професии додека како нивна природна екстензија стагнира и Македонија.
No comments:
Post a Comment