Sunday, March 15, 2015

Тиха Сегрегација

 Не е тајна дека овие простори отсекогаш биле неизбежно тесни за безпрекорно спроведување на интересите на народите кои битисуваат на нив. Честите конфликти, мали и големи, од ситен криминал до војни и масакри се ултимативниот доказ за нетрпеливоста и раздорот кои неминовно настануваат поради хетерогеноста на масите.
Начинот на кој мнозинствата имаат тенденција да ги третираат малцинствата и начинот на кој малцинствата возвраќаат на опресијата е застрашувачки, но она што навистина делува запрепастувачки е колку само тоа станува се понормално и поприфатливо во очите на секоја наредна генерација.

Денес, низ дни кои во тој аспект непромислено ги именуваме како мирни, скоро како да забораваме на проблемот кој со децении се провлекува а воедно се користи и како механизам за водење дрска студена војна на штета на животите на обичниот граѓанин.
Поделбата на главниот град на нашаи нивнастрана и притоа активното гетоизирање на северниот дел на Скопје се само дел од многуте социјални вулгарности кои се накалемија врз нашето секојдневие.
Училиштата се делат на оние во кои се запишуваат исклучиво македонски деца и училишта во кои доминираат останати етникуми. Во случаи кога две такви училишта се во непосредна близина,
Конфликтот помеѓу учениците припадници на различни националности потхранет од политичка пропаганда е неизбежен.
Сепак,  јавноста одбира да го игнорира овој реален проблем додека тој учтиво тропа на вратата и накратко и несмасно го лекува само во случаи кога проблемот насилно ја урнува таа врата заедно со рамката, како што беше случајот во Смилковци.
Тепачките кои често настануваат помеѓу албански и македонски деца низ автобусите на ЈСП а за кои приватните пропагандни гласила на власта не известуваат се уште една несериозно сфатена тема, бидејќи сепак станува збор за деца кои инаку за време на избори би биле утилизирани за дестабилизација и попречување на изборниот процес доколку се јави потреба при водењето на валканите игри на политичката фела.
Тихата сегрегација несомнено е реален феномен во нашата држава, присутен насекаде и како
таков  е факт со кој мора да се соочиме и проблем кој мора да го препознаеме, демаркираме a потоа да започнеме со негово решавање.
Она што мора да го прифатиме како реалност е дека ниту власта ниту опозицијата немаат интерес за решавање на овој конфликт, напротив тие и понатаму ќе се залагаат за ваквиот статус бидејќи ползуваат од класа граѓани кои можат во секој случај да ја користат не само за заплашување на масата туку и да ја жртвуваат во финален акт на квази - патриотизам.

Македонија е жртва на ужасен модел на кохабитација, првенствено бидејќи е кованица и нус производ на налудничаво грабање на власт. Неконтролираното доселување на 350.000 бегалци од Косово и нивното легитимирање спроведено од страна тогашната власт резултираше со воен конфликт кој дополнително ја прошири бездната помеѓу завојуваните страни.
Како резултат беше исфорсиран договор кој подоцна, во 2004та година беше ставен во акција со територијалната прераспределба со која Скопје стана половина наше и половина нивно”.
Од таа точка, оние кои првенствено играа во сценариото 2001 постепено се здобиваа со фотељи и како секој типичен политичар, заборавија на својот народ, станаа зачетници на албанската политичка фела.

Не постои сомнеж дека обете страни имаат удел во ситуацијата. Нетрпеливоста де факто постои и кај македонците, и кај албанците. Демолирање на локали во кои се пушта македонска музика и претепување на 13 годишни деца на кејот по завршувањето на натпревар на ФК Вардар.
 Ова се нешта кои не смееме да продолжиме да ги преспиваме, чекајќи да бидат корегирани од дебелите бирократи. Нивните милионски автомобили и вили се отпорни на екот на незадоволство кој извира од нивните сограѓани. Сиромаштија, глад, невработеност и поплавен дом се поими кои за нив немаат значење, ниту пак ги интересираат нивните последици.

На таа основа и ќе останат неемпатични игнорамуси кои го гледаат својот народ единствено како бројка, рид од трупови преку кои се качуваат на власт.

Monday, March 2, 2015

Who Watches The Watchmen?

Секоја религија со себе носи категорија на личности кои се сметаат за носители на божјото слово, односно медиуми на комуникација меѓу луѓето и Бог.
Попови, оџи, и разни други свештеници ја претставуваат врската преку која обичниот човек
ги восприема ултимативните човечки закони и заповеди.
Мојсеј пред својот народ принел прилично радикален сет од правила, и тоа дел од нив денес со сигурност би можеле да тврдиме дека се навистина опресивни.

Бидејќи божјата реч се смета за апсолутна вистина и конечна архетипизација на човечкиот стремеж тогаш зборовите кои овие луѓе ги изустуваат сигурно се вистина, или барем нивната авторитативност е невозможно да биде ставена под знак прашање.
Како теолози и познавачи на Бог, или барем неговите зборови
овие луѓе се сметаат за покадарни кога станува збор за интерпретација на Неговите команди.

Со оглед на тоа дека постојат многу религии кои се разликуваат меѓусебно, и сите од нив налагаат дека токму таа е вистинската, тогаш
доколку прифатиме дека барем една од нив навистина Е вистинската, тогаш сите останати кои ќе претпоставиме дека барем во еден аспект се разликуваат од вистинската, не’ се, па апропо сите останати "божји луѓе" всушност го базираат својот авторитет на лага.
Ако ја прифатиме оваа претпоставка, тогаш се поставува прашањето, who watches the watchmen?
Кој регулира дали она што го кажал авторитетот е навистина така?

А сега, од оваа тема ќе се префрлиме на нешто поопипливо.
Социјален договор. Што претставува фразата социјален договор?
Што е договор? Пример за вид на договор би било согласност да се дадат пари за некоја услуга. Или да се изврши услуга во замена за друга.
Во принцип, може да се каже дека договор е врска меѓу барем две страни која се заснова на сет од логички принципи со цел договорот да се спроведе или раскине.
Во најпроста форма, договорот налага согласност од најмалку две страни за извршување на одредени активности кои ги тангираат обете страни.

Додека социјалниот договор бил постулиран уште во стара Грција, првата форма на правилно оформено теоретизирање на оваа тема се јавува во 17тиот век во Британија и Франција.

Низ историјата, во поголемиот дел од времето општеставата не се базирале на овој принцип туку луѓето биле присилувани да и слугуваат на државата со помош на воена моќ, религија итн.
Ваквиот систем, посебно оној кој ја користел религијата со цел да ги подведе луѓето под своја команда било незамисливо да се контрира бидејќи се сметало дека е даден од Бога.

Водени од инквизитивен став према ваквиот режим во 17тиот век интелектуалната фела во која се вбројуваат Русо, Лок и Хобс почнува да размислува и твори на тематика Социјален договор со цел да се дефинира потребата за постоење на државата.

Хобс револуционерно тврдел дека сите луѓе се фундаментално еднакви, и еднакво способни да се убијат меѓусебно. И ова е проблематично, бидејќи истовремено Хобс постулирал дека луѓето се фундаментално слободни.
Ваквото општество би било страотно хаотично, бидејќи луѓето ја експлоатираат својата слобода, односно ја пропагираат на сметка на туѓата.
За среќа, луѓето се горе - доле, рационални. И на ваквиот начин на размислување се базира и социјалниот договор.
Според Хобс, луѓето даваат согласност да се создаде лидер, водич, монарх кој во своите раце раководи со масата, ќе ја гарантира нивната безбедност додека за возврат тие ќе се откажат од сите свои слободи.

Овој режим е авторитативен, и затоа е и рефиниран од страна на други мислители. Хобс смета дека доколку монархот навистина се постави опресивно тогаш народот скоро сигурно ќе се побуни. Дали навистина е така или сепак дејствувањето на повеќето народи повеќе соодведствува со поговорката "наведната глава сабја не сече"?
Џон Лок не се согласува со ваквото апсолутизирање и вели дека мора да постои ограничување, односно допуштање масата да ги задржи своите основни човекови права и згора на тоа, вели дека тој договор не може да трае вечно.

Тенденцијата на поединци во состојба на правна и економска надмоќ да акумулираат и натрупуваат дополнителни резерви на богатство и моќ, потпомогната од начинот на кој функционира капиталистичкото општество во својот краен стадиум дефинитивно претставува темелник на опресивна власт.

Долгорочно, власт која не е опресивна на старт може да ги модифицира законите на начини кои и' прилегаат со цел да го засили стисокот околу својот народ.
Таквата власт е способна постојано да го засилува својот имиџ на авторитет и ултимативно решение до степен на диктатура. Бидејќи е раширена и доминантна, способна е да врши притисок врз секаква критичка мисла низ пропаганда и слично.
Доколку е така, тогаш и овде станува збор за некој вид на "божествено право", и ако е така, тогаш кој ги ги регулира овие пастири?
Who watches the Watchmen?


(Прелиминарниот текст е за прв пат напишан на одреден интернет форум, од истиот автор.)

Friday, February 27, 2015

За Корените

Ако образованието ex vi termini е мајка родилка на чистиот разум, тогаш краток поглед врз производот на домашното потврдува дека јуришаме вон колосек.


Темелите кое секое цивилизирано опшество ги негува со безрезервно внимание во нашиот случај упорно се одминуваат и газат како лајна на патот од страна на партиски обоени кочии.Обесчестени и обезвреднети во бескрупулозните обиди да им биде откинат гласот од страна на тоталитаристички стеги, денес нивниот авторитет се еквивалентира со оној на локален шут. 


Екстерното тестирање, несмасно маскирано како прогресивна и освежувачка реформа која треба да го издигне квалитетот на македонското образование всушност не претставува ништо повеќе од флагрантен обид да се задушат оние кои се задолжени со сеење на семето на критичкото и рационално размислување.Екстерното тестирање е обид да се стават под јарем оние кои инаку се зачеток на пркосот спрема власт која неуморно граба моќ и пари од оние кои им ја подариле својата доверба.


Тоа е алатот кој го изгради ѕидот на срамот, бината врз која упорно врне ѓубре и скапан зеленчук прикриена со велот на разни обуки и казни со кои треба да се пердашат непослушните професори.Џиновската дискрепанца помеѓу резултатите од тестирањето е еден од показателите за нефункционалноста на оваа методологија, пропратно очигледниот пад во квалитетот на идниот кадар како резултат на реформите укажува дека не станува збор за стратегија чија цел е едукативен развој на македонецот. 


Со оглед на непостоечката вистинска стимулација како за учениците, така и за наставниците и професорите се чини дека нашите поглавари живеат според мотото после мене – потоп”.Немањето на идеи за вистинска утилизација на образовните институции, туку напротив непрекинатото штанцање на ботови и безумни полтрони чија единствена улога е заокружување на гласачко ливче на секои две години е показател за алармантниот инкремент на идиократија во Македонија. 


Форсирањето на задолжително средно образование понатаму ја девалвираше функцијата на професија која во едно друго, поинакво време се сметаше за елитна.Ваквата политика на владата, катастрофална по секој систем, ги примора просветните работници да допуштаат масовно излевање на секакви матуранти, спремни и неспремни, проблематика која истата влада се обиде пропратно прекутрупа да ја корегира односно, пикне под тепих со нови, повторно катастрофални реформи чија главна цел беше визиготисување на последното упориште на критичката мисла – факултетите. 


Самите училишта се замрзнати под капата на директори поставени по партиска линија кои своите колеги не само што ги третираат без грам почит, туку и сурово малтретираат во присуство на нивните ученици. Како резултат, вредноста на професорите во очите на учениците дополнително опаѓа, па сосем природно е вака корумпираната психа на младите да се обиде да ги реплицира овие дејанија на несовесните директори.
 

Крајниот удар, coup de grace беше зададен со воведувањето на таканаречени професори – заменици кои би биле поставувани на работните места на редовните, одземајќи ја силата на штрајкот кој треба да е последниот фронт за достоинството на оваа професија.
 


Неправедна и детриментална политика на ниски удари, закани и уцени од сите страни ги притиска и сардисува кадрите во основните и средните училишта. Лажните ветувања и платите кои редовно доцнат се нивното секојдневие. Безгласно стагнираат во своите професии додека како нивна природна екстензија стагнира и Македонија.